Со нови технологии до повисоки приноси

23.03.2016 15:41

Примената на нови технологии во аграрот е неопходна за заштита од климатските промени. Сушите и поројните дождови ќе стануваат почести, што значи и поголем ризик за земјоделството, велат од Агро-бизнис комората...

Временските непогоди го зголемуваат ризикот по земјоделство, велат од Агро-бизнис комората. Апелираат земјоделците да воведат нови технологии, преку кои би се намалиле трошоците и ќе се зголемат приносите. Лани поради непогодите биле ожнеани 75.000 од вкупно 95.000 хектари пченица.

Ваквата иницијатива е веќе доставена до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Нови технологии има преку воведувањето на нови сорти или системи за наводнување, како системот „капка по капка“.

Целта е обезбедување стабилно производство и сигурни приноси, преку минимизирање на ризиците.

Претседателот на Агро-бизнис комората при ССК, Огнен Оровчанец, нагласи дека 2015-та година во однос на житните култури беше најлоша токму поради сушите и поплавите. Реализиран бил и најголемиот увоз од 97.538 тони пченица.

Годинава се очекува да биде добра, но само ако агротехничките мерки завршат до крајот на мај.

 

Дијана Ценевска