Кикс на Хиршер, славје на Нојројтер
Германецот Феликс Нојројтер

Германецот Феликс Нојројтер славеше на ноќниот слалом во Кицбил. Точно четири години по првиот успех на оваа патека, тој ја забележа седмата победа во најтехничката дисциплина, а вкупно осма во кариерата.
Иако имаше одлично возење во двете трки, за неговиот триумф значително придонесе и Австриецот Марсел Хиршер. Најголемата домашна надеж водеше по првата трка со 31 стотинка подобро време, но направи грешка во финалната, отстапувајќи му го врвот на Нојројтер. На крајот, 57 стотинки зад Германецот заостана Норвежанецот Хенрик Кристоферсон на второто место, додека 82 стотинки доцнеше Италијанецот Патрик Талер на третата позиција.
Во поредокот за слалом Хиршер се уште води, но сега со 348 бода, пред Нојројтер со 310 и Швеѓанецот Матијас Харгин со 270. Хиршер не успеа да го симне од челната позиција на генералниот пласман Норвежанецот Аксел-Лунд Свиндал, кој има 757 бода. Австриецот дојде до 743.. Французинот Алексис Пантуро е трет со 556 бода, а Нојројтер е сега четврти со 491.
Во Кицбил утре ќе се вози спуст, а в недела и суперкомбинација..
