Ставрески: Добрите политики отворија 150.000 работни места
Најголем успех на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е намалувањето на невработноста на 24,6 насто, вели Ставрески. Посочи дека од 2006-та до денес биле отворени нови 150.000 работни места. Ова, според Ставрески, е резултат на добрите политики, економскиот раст, подобрувањето на бизнис климата, воведувањето на рамниот данок и на политиката на привлекување странски инвестиции...

Намалувањето на невработеноста е најголемиот успех на владата на ВМРО-ДПМНЕ, вели Зоран Ставрески. Даде отчет за сработеното во неговата област. Според него, ниските даноци, поддршката за домашните компании, странските инвестиции и активните мерки, резултирале со отворање на 150 илјади работни места.
„Тие луѓе можат да прават планови за купување на куќа, или изградба на куќа, за купување на стан, за формирање на семејство и сето она што во животот секој од нас сака да го постигне. Тоа е успех кој за нас кои ја водиме економската политика, значи исполнување на онаа цел која ја имавме во 2006-та година“, изјави Ставрески.
Дававме поддршка кон македонското стопанство во време на криза и тоа со четири пакети антикризни мерки- рече Ставрески. Посочи дека евтините кредити ги искористиле 1.760 компании, кои отвориле речиси 7. 000 работни места. Активните мерки креирале 50.000 вработувања, а за неполна година, рече Ставрески, преку проектот „Македонија вработува“ се отворени 15.200 работни места.
„Денеска имаме над 50 странски инвестиции во слободните еконосмски зони и во индустриските зони кои креираа вкупно 16 илјади работни места. Кога ќе се достигне полната бројка, само во овие компании, ќе имаме дополнително уште толку работни места“, нагласи Ставрески.
Ставрески рече дека владата вложила 174 милијарди денари во капитални инвестиции, од кои 27 милијарди лани, во делот на инфраструктурата.
Викторија Милевска
