Не стивнуваат реакциите по нападите во Брисел

23.03.2016 16:00

Кралот на Белгија, Филип изјави дека 22-ри март никогаш повеќе нема да биде ист...

Не стивнуваат реакциите со осуда за терористичките напади по вчерашниот црн ден за Белгија. Кралот на Белгија, Филип изјави дека 22-ри март никогаш повеќе нема да биде ист.

„Загубени животи, длабоки рани, страда целата земја. Матилда и јас ја споделуваме болката со вас, со луѓето кои ги загубија своите најблиски и со оние кои беа повредени во овие одвратни напади. Поради можните закани, ќе продолжиме да одговараме со единство и цврстина. Со студена глава и со достоинство. Да ја чуваме вербата, таа е нашата сила“, изјави Кралот Филип.

Папата Франциск изјави дека сите мора да ги осудат ужасите по терористичките напади во Брисел. За време на своето неделно обраќање  пред јавноста ги повика сите луѓе да се обединат во осудата на овие сурови настани кои предизвикаа само смрт, терор и хорор.

„Со натажено срце ги проследив вчерашните тажни вести за терористичкиот напад што се случи во Брисел и кој предизвика многу жртви и ранети. Моите молитви се со драгите луѓе од Белгија, со сите семејства на загинатите и на ранетите. Повторно упатувам повик до сите луѓе да се обединат и заеднички да ги осудат овие сурови ужасни настани. Ве замолувам сите во своите молитви во светата недела да поибарате од Бог да ги утеши срцата на погодените и да ги преобрати срцата на оние кои се понесени од суровиот фундаментализам“, рече папата Франциск..

И кинескиот премиер изрази сочуство за загинатите во нападите. Кина бара дополнителна соработка во областа на тероризмот со западните земји.

„Би сакале да им изразиме сочуство на жртвите во нападот и на нивните семејства. Кина како и сите други земји ги осудува сите форми на тероризам. Подготвени сме со заеднички напори со меѓународната заедница да го одржуваме светскиот мир и регионалната стабилност“, рече премиерот Ли Кечијанг.

Во Белгија е прогласена тридневна жалост.

 

Марина Автовска