Терористички напади во Брисел: Се трага по третиот осомничен

23.03.2016 16:52

Двајца браќа ги извршиле терористичките напади во Брисел. Едниот активирал експлозив на аеродромот, другиот во метрото. Полицијата ги идентификуваше. По третиот осомничен сѐ уште се трага.

По третиот осомничен припадник на терористичкиот тим кој ги изврши нападите во Брисел сѐ уште се трага- потврди денес напладне федералниот обвинетел на Белгија, демантирајќи ја информацијата дека тој е уапсен во Андерлехт во Брисел. Идентификуваниот  Насим Ласхраи, наводно  во последен момент се предомислил и го оставил елекот со експлозивна направа на меѓународниот аеродром „Завентем“. Останатите двајца, браќата Брахим и Калид Ел Бакри се саморазнесоа, предизвикувајќи  голем број на жртви и повредени. Вкупно 35 загинати и над 260 повредени се последните податоци.

Се наоѓам пред метро-станицата „Малбек“, каде 24 луѓе загинаа. Како што мозе да се заблежи ова место е во самиот центар на градот на само 100-тина метри од Европскиот парламент и Европскиот совет. Користејќи го утинскиот метеж и атакувајќи врз ваква витална инфрастуктурна локација, терористите ја исполнија својата цел. Разорувачкото дејство на експлозивите, бројот на жртвите и стравот меѓу граѓаните е евидентен. Во Белгија од вчера е прогласена тридневна жалост. Националните знамиња се на половина копје.

На пладне, владината делегација предводена од премиерот Шарл Мишел и европските претставници, токму овде оддадоа почит на жртвите со едно минутно молчење. И белгиското кралско семејство одржа кратка церемонија, оддавајќи почит кон загинатите. А, на неколку локации низ европската престолнина, спонтано и масовно се собираат граѓаните. Се палат свеќи, се оставаат цвеќиња и пораки за осуда на тероризамот, за мир и слобода.

Мојата порака до светот е се надевам дека политичарите нема да го искористат овој момент да ги свртат луѓето еден против друг. Се надевам на тоа.

Посакувам мир во Белгија, мир во Франција. Ние сме тажни. Во државата сѐ се сврти наопаку. Владата треба да направи нешто во врска со тоа. Бог нека ни е напомош.

Луѓето во Брисел се решени да покажат дека не се плашат. Многу е чувствително да се биде тука и да се гледа ова. Мојата порака е да застанеме сите заедно“, велат жителите на Брисел кои ги анкетиравме.

Во Белгија уште од понеделникот е покренато највисоко, 4-то ниво на безбедност. Затворен е аеродромот „Завентем“ како и околните аеродроми. Во Брисел не работи  метрото, а затворен е и железничкиот сообраќај.

Инаку при претрес на куќите во кои се криел Абдеслам, полицијата пронајде уште два експлозивни елека и непозната прашкаста супстанца- потврди федералниот обвинител на Белгија.

Можам да потврдам дека од македнските дипломатски претставништва информираат дека меѓу жртвите и повредените нема македонски државјани.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ