Иванов телефонски со Меркел за бегалската криза

23.03.2016 17:02

„Поголема политичка и логистичка поддршка од Европската унија, соработка меѓу разузнавачките служби за спречување на ризиците“- Иванов телефонски разговарал со Меркел. Побарал германската полиција да биде дел од контингентите на јужната и северната граница...

Претседателот Иванов телефонски ја контактираше Ангела Меркел за последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза, по одлуката за затворање на Западно- балканскиот коридор.

Од кабинетот на Иванов информираат- шефот на нашата држава го реафирмира барањето за поголема европска политичка и логистичка поддршка, како и потребата од соработка меѓу разузнавачките служби. Заеднички е осуден масовниот илегален премин на мигрантите на нашата граница пред 10-ина дена. Меркел изразила поддршка на борбата против незаконската миграција. Канцеларката рекла дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп на грчката страна, но и да запре поттикнувањето илегална миграција.

Иванов  потврдил дека безбедносните сили и во иднина ќе продолжат професионално да се справуваат со бегалската криза. Тој уште еднаш побарал германската полиција да биде дел од европскиот контингент на нашите граници.