Седници на четири собраниски комисии

24.03.2016 09:14

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да расправа за Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите...

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе заседаваат Законодавно-правната и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за финансирање и буџет и за образование, наука и спорт.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците треба да расправа за Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (за период од 15.09.2015 до 15.03.2016). Одржувањето на три седници на Комисијата беше одложено поради неприсуството на Јанева на седницата. На дневен ред на Комисијата е и Извештајот на Комисијата по Предлог-законот за нотаријатот.

Комисијата за финансирање и буџет ќе расправа за Предлог-законот за изменување на Законот за персоналниот данок на доход во прво читање.

Законодавно-правната комисија ќе расправа по Предлог-законот за изменување на Законот за персоналниот данок на доход во прво читање и Предлог-законот за изменување на Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, двата во прво читање, како и по Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за одбегнување на двојното оданочување и заштита од фискална евазија по однос на даноците на доход.

Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт ќе расправаат по Предлог-законот за основање на Универзитет за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев” во Скопје и Предлог-законот за изменување на Законот за високото образование, и двата во второ читање.