Се чека пресуда за Караџиќ

24.03.2016 13:11

Пресуда на Хашкиот трибунал за некогашниот лидер на босанските срби. Обвинет е за геноцид и тешки воени злосторства. За босанците правдата е бавна, но пристигнува, за некои граѓани на Република Српска немало геноцид во Сребреница...

Доживотна казна затвор бараат обвинителите на хашкиот трибунал за Радован Караџиќ поранешниот претседател на босанските срби. Обвинет е за тешки воени злосторства, злосторства против човештвото и за геноцид. Караџиќ ги негира обвинувањата, вели дека во сребреница не се случувало геноцид и дека ја немал власта која обвинителите му ја припишуваат.

„Казната треба да им порача на србите како во Босна и Херцеговина, така и во Србија да отворат очи и да видат што нивните претходници направиле. Да не веруваат веќе на лагите кои им се сервираат, дека на просторот на БиХ не се случил геноцид“, изјави Хамдија Фејџиќ, претседател на СДА.  

„Пресуда било каква и да е не верувам дека ќе има влијание во Сребреница, бидејќи по војната и процесот на помирување никој во Сребреница не сака да се случува нешто што не е во интерес на граѓаните“, вели Милош Миловановиќ, претседател на општината Сребреница.  

Караџиќ е психијатар, поет, политичар, а за многу луѓе во БиХ најкрволочен злосторник. Во таа конотација се и обвинувањата на Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Караџиќ сноси одговорност за геноцид во Сребреница, за протерување, убивање и мачење, како и кршење на меѓународното воено право во случај на опсада на Сараево.

„Често сонувам дека ме прогонува, пука, дури и сега. Се плашам, страв ми е... Би сакала да го осудат што е можно повеќе.“

„Мене ме интересира што имам за јадење јас и моите деца, а тоа кој што правел нека му судат, дури и јас да сум направил нешто нека ми судат.“

„Сите негираат дека се случил Геноцид. Тоа е едно систематско доживување кој се сервира од Бања Лука од Белград, дека всушност ова е едно шоу кое го креирала меѓународната заедница“, велат граѓани на Сребреница.

„Без разлика од која страна доаѓа злосторството, сите треба да одговараат за злосторство. дали е Србин, Босанец, Хрват. Ама јас гледам дека тука нема пропорција. 95 проценти на србите им се суди, а на другите не“, изајви Драган Цветковиќ, поранешен член на армијата на Република Српска.   

70-годишниот Караџиќ, роден во црногорско село, од 15-тата година живеел во мултикултурно Сараево, но потекнува од семјество во чии редови имало четници. Завршил средно медицинско училиште, по што судирал медицина, се дошколувал и на универзитет во Колумбија и во Њујорк. Во неговата поезија, која била негово хоби, провејуваат националистички погледи.

Главниот обивинител на трибуналот Серж Брамерец, пресудата за случајот Караџиќ ја нарече историска. Според него, со неа конечно ќе се разјасни дали Караџиќ го наредил масакрот во Сребреница или пак судот ќе го ослободи од одговорноста за ликвидирање на повеќе од 8 илјади мажи муслимани.

 

Маја Стојанова