Даравелски уапсен во Србија, засега нема екстрадиција
Уапсен е Драган Даравелски поранешниот директор на Царинската управа на Македонија по кого беше распишана потерница од македонските власти. Со тоа почнува да тече и постапката за негова екстрадиција. Даравелски е осуден во Македонија за злоупотреба на службената положба и финансиски малверзации со што е оштетен буџетот на земјава...

Драган Даравелски засега нема да биде вратен во Македонија бидејќи ја искористил правната можност за одложување на екстрадикцијата. На веста за апсењето на Драган Даравелски, МРТ се обрати до српското министерство за правда каде официјално ни соопштија дека министерот Селаковиќ нема да го дозволи неговото враќање во Македонија, додека не се доднесе законско решение по правните барања на Даравелски.
Постапката за екстрадиција формално ја води Министерството за правда по барањето за екстрадиција со доставената целокупната судска документација од Македонија. Апсењето е врз основа на потерница која е издадена пред повеќе години, но властите во Белград досега не ја реализираа. Тој во 2010 година веќе бил во екстрадициски притвор, но веднаш потоа стана државјанин на Србија и не беше испорачан во Македонија.
Со ратификувањето на договорот за екстрадиција во 2012 година се создадоа можности и српски и македонски државјани да бидат предадени на другата држава поради правосилно изречена казна затвор за дела како што се организиран криминал, корупција и перење пари.
Даравелски веќе неколку години живее во Белград, каде МТВ успеа и да го сними како слободно се шета пред српското собрание.
Даравелски е осуден во Македонија на 7 години затвор поради злупотреба на службената положба и финасиски малверзации со кои го оштетил буџетот за 2,5 милиони евра.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
