„Минстрој“: 10 милиони евра инвестиции и повисоки плати

24.03.2016 16:11

Бугарскиот холдинг „Минстрој“ по еден месец од потпишувањето договор за концесија ќе го рестартира рудникот Злетово и ќе ги врати на работа сите вработени. Тораница ќе се реактивира за неколку месеци. Од компанијата најавија инвестиции од 10 милиони евра во двата рудника и за 2-3 пати поголеми плати за вработените рудари...

Бугарскиот холдинг „Минстрој“ за еден месец од потпишувањето на договорот за концесија ќе го рестартира рудникот злетово и ќе ги врати на работа сите вработени, додека тораница ќе се активира во рок од неколку месеци. „Минстрој“ најави нови вработувања, инвестиции од 10 милиони евра во двата рудника, а платите ќе се зголемат најмалку двојно.

„Видов дека рудниците исплаќале многу ниски плати, меѓу 200 и 300 евра што е недозволиво. Треба да бидат најмалку двојно повисоки. Тие произведувале 1.500 до 1.900 тони концентрат месечно и требале да земаат плати од над 1.000 евра, а не двесте“, изјави Николај Валканов, претседател на бордот на директори на холдингот „Минстрој“- Бугарија.

Елиминирањето на двете компании пред јавното наддавање е едногласна одлука на десетчлената комисијата, појасни министерот за економија Незири, а тие имаат право на жалба до второстепената комисија.

„Комисијата едногласно елиминира 2 компании. Едната поради негативен финансиски извештај, а втората поради пренесување загуби од една во друга година. Ние баравме фирма- сериозен концесионер. Се наддаваше 3 часа во 37 чекори и од 800.000 евра се постигна износ од околу 2 милиона евра“, изјави министерот за економија, Беким Незири.

Бугарската компанија „Минстрој“ стопанисува со 6 рудници и вработува над 2.500 лица. Концентратот од Злетово и Тораница ќе се преработува во најмодерната европска топилница за олово и цинк во Пловдив, најави Валканов. Вети воведување најнова технологија и опрема за работа во двата рудника како и подобрување на условите и безбедноста.

 

Свето Николовски