Сидорф е клучната причина

25.01.2014 10:57

„Го избрав Милан поради Сидорф“....

„Го избрав Милан поради Сидорф“, рече Мишел Есиен по пристигнувањето во Милано. Тој денеска треба да ги мине лекарските прегледи, а доколку го стори тоа, тогаш ќе нема никакви пречки да потпише договор со „росонерите“. Се очекува Есиен да го носи срвено – црниот дрес до летото 2015-та.

„Разговарав со Сидорф, но и со мојот сонародник Сали Мунтари. Јас сакам да играм во Милан, тоа е голем клуб. Им се заблагодарувам на Жозе Мурињо и на Роман Абрамович што ми дозволија да преговарам со италијанскиот тим“, рече фудбалерот од Гана кој минатите седум сезони ги мина во Челзи. Есиен и се радува на можноста да работи со фудбалско име од рангот на Сидорф.

„Тој е добар човек, а се надевам дека ќе биде и добар тренер. Кака и Балотели се големи играчи и одвај чекам да дебитирам за Милан“, нескриена е радоста на Есиен, кој по петте години минати во Бастија и во Лион во францускиот шампионат, за Челзи одигра 168 натпревари со 17 голови. Во натпреварувачката 2012/2013 беше позајмен на Реал, а како член на кралскиот клуб одигра 20 мечеви на коишто постигна два гола. За репрезентацијата на Гана досега има 52 настапа со девет гола.