„Холивудско сценарио“: Реакции по акцијата на СЈО во Централен регистар

24.03.2016 16:37

Ден откако Специјалното обвинителство влезе во Централниот регистар, информации од Јанева за акцијата, реакции од институцијата со базата на податоци и од Кривичниот суд. Од Специјалното обвинителство велат дека инсистирале на соработка со регистарот, но, не добиле позитивен одговор, па побарале Кривичниот суд да им издаде наредба за одземање предмети. Од Централниот ги демантираат наводите на Јанева за несоработка. Кривичниот суд со реакција- акцијата на СЈО наликува на холивудско сценарио...

Дел од документите на Централниот регистар се во рацете на истражните тимови на Катица Јанева. Под сомнение за криминал, специјалното обвинителство спроведува предистражна постапка, но, засега не открива за кој предмет станува збор. Во соопштението велат дека откако еден месец инсистирале на соработка со Регистарот, а не добиле позитивен одговор со образложение дека барањата им се нејасни, побарале Кривичниот суд да им издаде наредба за одземање предмети.

Со полициска придружба, истражителите упаднале во Регистарот, но, поради обемноста на материјалот не ги одземале сите  документи. Јанева информира дека вчера била воспоставена соработка со оваа институција, од каде добиле уверување дека сите побарани документи ќе бидат предадени на истражителите во текот на наредните неколку дена.

Од Централниот регистар ги демантираат наводите на Јанева за несоработка. Велат дека по барање на СЈО во законски предвидениот рок одговориле со допис во кој побарале од институцијата со која раководи Јанева да прецизираат кои документи им се потребни, но, наместо појаснување, истражителите на СЈО дошле со судска наредба за привремено одземање документи во која, како што побарал од нив регистерот, прецизно навеле кои документи ќе ги одземат.

Од Кривичниот суд потврдуваат дека Јанева вчера побарала да и се издаде наредба за одземање предмети, но, до судот не било доставено барање за претрес.

Основниот суд Скопје 1  - Скопје нема да ја коментира вчерашната акција на СЈО и нивните оперативно тактички мерки на клопка и заседа на институциите повикувајќи се на судски наредби и анонимни дојави кои што повеќе наликуваат на холивудско сценарио, а не на сериозно и посветено извршување на функцијата на еден орган како што е СЈО – се вели во соопштението од Судот.

Централниот регистар е главна републичка база која содржи податоци за поседување имот, пренос на сопственост, годишни сметки, кредитни информации, брачни договори, осигурувања.

 

Анита Димитријевска