40 години затвор: Караџиќ виновен за геноцидот во Сребреница и за воени злосторства

24.03.2016 16:56

Поранешниот лидер на Босанските Срби е прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница и за воени злосторства. Хашкиот трибунал го осуди Радован Караџиќ на 40 годишна казна затвор. Судот смета дека ги прекршил законите и обичаите на војната...

Одговорен за геноцид во Сребреница и за тешки воени злосторства при опсадата на Сараево. Поранешниот претседател на Босанските Срби, Радован Караџиќ доби 40 години казна затвор. Многу луѓе собрани во меморијалниот центар Поточари во живо ја следеа пресудата на Хашкиот трибунал.

„Изрекувањето на пресудата на Радован Караџиќ би требало да ја претстави вистината за тоа што навистина се случувало во БиХ. Треба служи за зајакнување на довербата меѓу граѓаните на БиХ без разлика на етничката припадност“, изјави Јасмин Мешковиќ, претседател на Унијата на затвореници во БиХ.

„Прашањето е дали може оваа пресуда да ги задоволи семејствата на жртвите бидејќи на многу жртви им е загубена трагата“, вели Алдин Валедар, професор на Универзитетот во Мостар.

Караџиќ-  психијатарот, поет и политичар, за едните е херој, за другите крволочен злосторник.

„Често сонувам дека ме прогонува, пука, дури и сега. Се плашам, страв ми е... Би сакала да го осудат што е можно повеќе.“

„Сите негираат дека се случил Геноцид. Тоа е едно систематско доживување кој се сервира од Бања Лука од Белград, дека всушност ова е едно шоу кое го креирала меѓународната заедница“, велат граѓани на Сребреница.

Караџиќ не ја прифаќа одговорноста за ниту едно од обвиненијата. Има право на жалба на пресудата на Кашкиот трибунал, а до правосиноста на пресудата ќе остане во притвор.

 

Маја Стојанова