Иванов: Македонија сака отворени и искрени односи со сите соседи

25.03.2016 12:31

Македонија сака со сите соседи, вклучително и со Бугарија, да има отворени и искрени односи на добрососедство и пријателство, порача претседателот Иванов во интервју за бугарската новинска агенција „БГ-НЕС“. Шефот на државата предупреди дека со затворањето на балканскиот коридор се отвора можноста за формирање нови рути преку Бугарија и Албанија, со цел, мигрантите да стигнат до Централна Европа...

Македонија прва ја испрати Армијата на границата и го активираше кризниот менаџмент за да се справи со бегалската криза и тоа го направи успешно. Потоа не следеа и другите земји од западно-балканската рута, нагласува во интервјуто за бугарската новинска агенција „БГ-НЕС“, претседателот Ѓорге Иванов. Во Баку веќе разговарав за овие прашања со Плевнелиев , а на премиерот Борисов му предложив и заедничка показна вежба од тромеѓето кај кулата до Кожуф планина, вели претседателот.

„На премиерот Борисов му предложив нашите министри со вашите министри, значи и полицијата и армијата заедно да направат заедничка контрола на границата од кулата, преку Беласица до Кожуф да го видат тој терен и да направиме показна вежба. Да видат од другата страна дека ние сме организирани држави и си ги чуваме своите граници. Можеме да имаме отворени прашања за сѐ, но кога постои ваква криза таа треба да биде приоритет, за да постои соработка меѓу надлежните институции“, вели претседателот Иванов.

Младите во динамичниот 21 век посакуваат живот без граници, без бирократски постапки. Македонија сака отворени и искрени односи со сите соседи, а Бугарија да биде нејзин најголем поддржувач, продолжува шефот на државава во интервјуто за „БГ-НЕС“.

„Имаме многу отворени прашања од минатото, но не можеме да ја смениме историјата. Не можеме да ја смениме ни географијата. Ќе останеме вечно соседи. Ние сме реалност. Веќе 25 години сме независна држава. Сакаме со сите соседи да имаме отворени  и искрени односи на добрососедство, пријателство и сѐ што доликува“, нагласува претседателот Иванов.

Навраќајки се одново на незаконската миграција, Иванов потенцира и дека затворениот коридор може да биде причина за отворање алтернативни патеки на мигрантите низ Албанија и Бугарија. Брановите бегалци, нема да престанат, од Африка и од Централна Азија, секој сака да живее во Европа која е супер сила според животниот стандард, вели македонскиот претседател во интервјуто за бугарската новинска агенција. 

 

Зоран Богатинов