Апсења во Брисел: Уапсен осомничен за нападот во метрото

25.03.2016 12:40

Белгиската полиција вчера уапсила шестмина поради поврзаност со терористичките напади на бриселскиот аеродром и метро станица. Во Белгија денеска ќе допатува американскиот државен секретар, Џон Кери и ќе го посети аеродромот „Завентем“. Министрите за правда и за внатрешни работи на 28-те земји-членки на Европската Унија договорија десет итни мерки за борба против тероризмот...

Белгиските медиуми јавија дека полиција синоќа уапсила шест лица во рамки на истрагата за терористичките напади на аеродромот и на метро станицата во Брисел во кои загинаа најмалку 31 лице, а над 200 беа повредени. Лицата биле уапсени во полициски акции во центарот на Брисел и во населби во северозападните и севроисточните делови на градот. Медиумите подоцна објавија дека е уапсен човекот, кој се гледа на безбедносната снимка покрај Халид Ел Бакрауи, осомничен за нападот во метрото. Државниот обвинител се уште не ја потврдил информацијата.

Неколку сведоци потврдија дека се слушале и експлозии, а два часа подоцна бил прогласен безбедносен периметар во тој дел од градот.

„Се враќав од училиште  кога видов дека целата област е затворена и не можев да си одам дома. Прашав што се случува и ми рекоа дека полицијата има некаква работа. Не знаев што точно се случува. Живеам многу близу до местото каде што се спроведувала акцијата“, вели Абдул Гудуси Ба, жител на Скарбек, Брисел.

Претходно Франција соопшти дека во близина на Париз бил уапсен француски државјанин, осомничен за членство во милитантна група која планирала напади во Франција. Францускиот министер за внатрешни, Казанев изјави дека нема докази за поврзаност меѓу нападите во Брисел и оние во Париз минатата година, но белгиското јавно обвинителство соопшти дека бомбашот- самоубиец кој го изврши нападот на метро станицата во Брисел, имал изнајмено куќа што се користела како засолниште за терористите од Париз, поради што полицијата уште од декември трагала по него. 

Во меѓувреме, во јавноста излезе информацијата дека мажот кој беше регистриран од камерите пред нападот на бриселскиот аеродром, бил на списокот на САД со осомничени терористи, исто како и браќата Халид и Ибрахим Бакрауи кои ги изведоа нападите.

Инаку американскиот државен секретар Џон Кери денеска е во посета на Брисел на средба со премиерот Шарл Мишел и со Кралот Филип, а ќе се сретне со претставници на институциите на Европската Унија и ќе го посети и националниот аеродром „Завентем“.

Министрите за правда и за внатрешни работи на 28-те земји- членки на Унијата на вонреден состанок договорија десет итни мерки за борба против тероризмот кои предвидуваат радикални чекори за сузбивање на терористичките мрежи.

 

Марина Автовска