Најсовремена опрема донирана на Институтот за трансфузиона медицина

25.03.2016 14:25

Донацијата е дел од проектот за подобрување на стандардите во медицинската технолошка индустрија, кофинансиран од германската влада.

Опрема за подобрување на квалитетот на дарувањето на крв, во вредност од 50 илјади евра е донирана на Институтот за трансфузиона медицина. Донацијата е дел од проектот за подобрување на стандардите во медицинската технолошка индустрија, кофинансиран од германската влада. 

„Станува збор за најсовремената опрема која што ние ја произведуваме и претставува врв во медицинската технологија. Нејзината примена ќе го подигне технолошкото ниво на работа на Институт за трансфузиона медицина“, вели Драган Јанковиќ - претставник на компанијата „LBM tehnologie“.

Директорката на Институтот Емилија Велкова, заблагодарувајќи се за донацијата, посочи дека таа се состои од два стола за дарување на крв и поголем број мешалки за преземање на крв и крвни компоненти и силери-термосекачи.

„Сета опрема ќе придонесе за унапредување на крводарителството, односно за зголемување на сигурноста на крвта и крвните компоненти кои ги даваме кај пациентите во целата држава во поглед на европските стандарди“, рече Велкова.