Превентива од можни закани: Контрола на повратниците од воените жаришта

25.03.2016 14:48

По терористичките напади во Брисел, македонските надлежни инситуции будно ја следат ситуацијата, како превентива од можни закани, вели министерот за внатрешни Спасовски. Посебно внимание треба да се посвети на лицата што учествувале на боиштата на Блискиот Исток...

Македонските надлежни институции будно ја следат безбедносната состојба по терористичките напади во Париз и во Брисел. Полицијата, Управата за безбедност и контраразузнавање во министерството и Агенцијата за разузнавање ги имаат регистрирано повратниците од боиштата на Блискиот исток, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Нивото на безбедност во земјава е подигнато  уште од нападите во Франција. Беше спроведена и акцијата „Ќелија“, уапсени се лица за кои има докази дека се можни сторители на одредени криминални дејствија и терористички напади.

„Ние имаме повратници кои биле во Сирија и се наоѓаат на територијата на Република Македонија. МВР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и другите надлежни органи ги следат сите лица повратници од боиштата на Истокот и настаните, се со цел да превенираме каков било настан кој може да ја загрози безбедноста на граѓаните на Република Македонија“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во Центарот за обука во Идризово, беше претставен системот за присилно запирање на возила „Стингер“,  наменет за контрола на возила и поголема безбедност во сообраќајот. Финансиран е од ЕУ, а обуките ќе се одвиваат во текот на целата година, вели еден од словенечките инструктори.

„Ќе има многу обуки од четири полициски компоненти- општо полициско работење, што значи јавен ред и мир, сообраќајно полициско работење, гранично полицсико работење и бобра против организиран криминал како една од најбитените компоненти во проектот“, вели Александар Кребле, проект менаџер.

По завршувањето на обуката, 32-ца припадници од БЈБ се стекнаа со сертификати за пренесување на знаењето меѓу сообраќајните полицајци за употреба на системот за запирање возила во бегство „Стингер“.

 

Наташа Гркова- Петрушевска