Почнува постапката за брендирање на мариовскиот мед
Мариово ќе добие уште еден бренд. Покрај биеното сирење, почнува постапка за брендирање на мариовскиот мед . По завршување на сите научни истражувања, медарите ќе можат да бидат сигурни во својот пласман, заштитени од нелојалната конкуренција...

Веста дека двегодишната иницијатива на мариовското еколошко здружение „Кајмакчалан“ доби поддршка, ги крена на нозе одгледувачите на пчелни семејства. Меѓу нив и доајенот на оваа дејност, 90 годишниот Пандо Гламновски, и со испомешани емоции. Жали што нема кој да го наследи, но е горд што на залезот од професија ја дочека дамнешната желба.
„Среќен сум, мариовскиот мед го заслужува ова нема почист еколошки предел од мариовскиот и е одлично поднебје за овој бизнис“, вели најстариот пчелар во битолско, Пандо Гламновски.
Секој брендиран производ носи препознатливост на квалитетот, но и дава можност за заштита на производителите и купувачите од нелојалната конкуренција и измамниците, додава Никола Николовски во чие семејство осум децении од колено на колено се пренесува оваа дејност.
„Освен од квалитетот, пласманот зависи и од брендот на производот. Можеме да се фалиме до недоглед, но мора да покажеме што има и во теглата. Оваа иницијатива го нуди тоа“, вели пчеларот Никола Николов.
Мариовските пчалири деновиве остварија средба и со експерти по брендирање од Португалија и Франција. Во започнатата изработка на елаборатот се вклучени и домашни експерти. За позитивен одговор, освен карактеристиките на поднебјето, ќе одлучуваат и резултатите од научните анализи.
„Несомнено е дека ќе се вршат соодветни лабараториски и физичко- хемиски анализи, а резултатите ќе бидат вметнати во елаборатот, а потоа на потег се надлежните“, вели претседателот на битолското здружение и прв човек на Македонскиот пчеларски сојуз, Менде Трајковски.
Позитивниот одговор ќе значи ставање на заштитните етикети на теглите и ќе гарантира за квалитетот на медот кој во Мариово засега го произведуваат над триесетина пчелари со две до две и пол илјади пчелни семејства.
Стевче Митревски
