Нова експлозија: Антитерористичка акција во Брисел

25.03.2016 15:42

Три дена по терористичкиот напад, нова операција на белгиските сили во проблематичната населба Шарбек. Се слушнале експлозија и истрели. Апсења и во Берлин и во Париз. Се стега обрачот околу терористите...

Во бриселската населба Шарбек во текот на големата антитерористичка операција на полицијата се слушнале две експлозии и истрели. Дел од медиумите јавија дека еден е убиен во акцијата, други дека е приведен. Областа е блокирана- има голем број припадници на специјалната полиција, оклопни возила и воени камиони. Според „Ројтерс“, операцијата била поврзана со вчерашното апсење на терористот во Франција кој подготвувал напад во земјата. Францускиот министер за внатрешни, Бернар Казанев изјави дека апсењето помогнало да се спречи заговор во Франција кој бил во поодмината фаза.

„Човекот што беше уапсен е француски државјанин осомничен дека бил длабоко поврзан со планираниот напад. За сега, ништо не го поврзува со нападите во Париз и во Брисел“, вели министерот Казанев.

Синоќа белгиската полиција уапси шестмина во рамки на истрагата за терористичките напади на аеродромот и на метро станицата во Брисел.

„Се враќав од училиште кога видов дека целата област е затворена и не можев да си одам дома. Прашав што се случува и ми рекоа дека полицијата има некаква работа. Не знаев што точно се случува. Живеам многу близу до местото каде што се спроведувала акцијата“, изјави Абдул Гудуси Ба, жител на Шарбек, Брисел.

Германската полиција уапсила двајца осомничени за поврзаност со нападите во Брисел. Експертите велат дека има дефинитивна поврзаност со нападите во Брисел.

„Истражителите мора да ги проверат телефонските броеви. Да се открие дали човекот во последно време бил во Брисел. Тоа сѐ уште не е јасно“, вели Михаел Гутшенберг, експерт за тероризам.

Германските безбедносни служби предупредуваат дека се можни нови терористички напади, вклучително и на локации во Германија, со оглед на развиената мрежа на ИД во Европа.

 

Марина Автовска