Случај „Ќелија“: Оџата од Тутунсуз доби 7 години затвор

25.03.2016 16:00

Донесени првите пресуди во случајот „Ќелија“. Оџата од Чаир е осуден на затворска казна од седум години, за учество и организирање паравојска и регрутирање луѓе за борбите во Сирија. Другите обвенети кои се спогодија со обвинителството, добија од 5 до 5,5 години затвор. Изјавија дека доброволно ја признаваат вината. Петмина други не признаваат вина...

Оџата Реџеп Мемиши од скопската џамија Тутунсуз нема да оди на судење. Тој е еден од шестемина кои се спогодија со обвинителството. Призна дека бил исламски свештеник со завршен теолошки факултет кој се борел во Сирија од страната на Исламска држава. За ова доби седум години затвор. Останатите петмина немаа контра- аргументи на доказите на обвинителството и признаа дека се виновни. Добија до пет и пол години робија.

На останатите петмина од случајот „Ќелија“ ќе им се суди во одвоена постапка. Преку нивните бранители изнесоа приговори на обвинителниот акт. Главната забелешка е дека обвинителството не навело во кои паравоени формации се бореле.

Во оваа група е и македонецот Стефан Стефановски кого припадниците на ИСИС го викале Суфијан. Осомничен е дека во Сирија лекувал ранети војници на Исламска држава. Случајот „Ќелија“ опфаќа вкупно 12-мина, од кои еден е во затвор. Се товарат за врбување регрути од Македонија, обезбедување нивна финансиска поддршка и војување во Сирија.

 

Анита Димитријевска