Заложничата драма со египетскиот авион во Ларнака сѐ уште трае
Сѐ уште не е завршена заложничката драма со египетскиот авион во Ларнака, иако повеќето од патниците се ослободени. Докрај не се потврдени информациите, дали киднаперот бил вооружен со бомба. Не станува збор за терорист, туку за психички лабилна личност, велат од египетското министерство за цивилна авијација...

Уште најмалку пет лица се ослободени од авионот на египетската копанија „Египет Ер“, што изутрината беше киднапиран на линијата Александрија- Каиро и приземјен на аеродромот во Ларнака, на Кипар. Кипарските медиуми јавија дека пет лица, кои носеле униформи, се симнале од леталото. Претходно беа ослободени сите патници на авионот, а останаа само членовите на екипажот и четворица странци. Медиумите наведоа дека патниците се ослободени по преговорите меѓу кипарските власти и грабнувачот. Тој подоцна тврдел дека е само патник, а не киднаперот на авионот. Во авионот имало 55 патници и седум членови на екипажот. Не е потврдена информацијата дали во авионот има бомба. Во меѓувреме, Кипар го затвори за сообраќај аеродромот во Ларнака.
Египетската телевизија го објави идентитетот на киднаперот. Станува збор за Ибрахим Самаха, професор по ветеринарна медицина на универзитетот во Александрија. Информациите не се официјално потврдени.
Египетскиот амбасадор на „Твитер“ објави дека Самаха бара „политички азил“, што беше објавено и на Египетското државно радио. На Кипар живеела неговата поранешната сопруга со која побарал да разговара. Роднини на Самаха изјавиле дека тој имал психички проблеми.
„Гардијан“ цитирајќи неименуван функционер од кипарското министерство за надворешни работи вели: „тој не е терорист, тој е идиот“. Друг функционер од кипарската влада изјавил: „по сѐ изгледа дека киднаперот е вљубен“.
Марина Автовска
