Заврши заложничката драма, уапсен киднаперот на авионот во Ларнака

29.03.2016 14:42

Уапсен е киднаперот на египетскиот патнички авион, со што заврши неколкучасовната заложничка драма во Ларнака, на Кипар. Не се докрај познати мотивите за киднапирањето на авионот. Не станува збор за терорист, туку за психички лабилна личност, велат од египетското Министерство за цивилна авијација. Овој инцидент го покажа ниското ниво на безбедност на египетската авијација, се случи пет месеци по експлозијата на рускиот авион, во кој загинаа 224 патници и членови на екипажот...

По шестчасовна драма киднаперот на авионот на египетската копанија „Египет ер“ се предаде и излезе од авионот со кренати раце. Медиумите јавија дека од авионот излегле и преостанатите седум патници. Претседателот на Кипар изјави дека киднапирањето не личи на чин на тероризам, туку дека зад него стојат лични мотиви.

Авионот со 62 патника и членови на екипажот летал од Александрија за Каиро принудно слетал во Ларнака, на Кипар, бидејќи, според информациите, на пилотот му се заканувал патник со експлозив околу појасот.

По повеќечасовни преговори со киднаперот во авионот останале 7 лица, од кои три аптници и четири членови на екипажот, додека останатите биле ослободени.

Медиумското известување за инцидентот го одбележа конфузијата во врска со идентитетот на киднаперот, па така Министерството за надворешни работи на Каиро на „Твитер“ соопшти дека киднаперот се вика Сеиф Елдин Мустафа и дека е Египќанец, додека пак, египетските медиуми претходно го идентификуваа како Ибрахим Самаха.

Мустафа живеел на Кипар сѐ до 1994 година. Заедно со поранешната сопруга, која се уште живее на Кипар имаат четири деца. Медиумите пишуваа дека тој побарал на неговата поранешна сопруга да и биде предадено писмо, во кое, според извештајот на кипарската полиција се наоѓале услови за ослободување на жени, политички затвореници во Египет. Информацијата не е официјално потврдена.

 

Марина Автовска