ДИК го објави списокот на записи кои теренски се проверуваат

29.03.2016 16:00

Државната изборна комисија го објави списокот со неконзистентните записи. На него се наоѓаат имињата на 89.384 граѓани, кои подлежат на теренска проверка. Има голем интерес за увид во списокот. Ова предзивика преоптоварување на серверот, по што документот тешко можеше да се отвори на страната на комисијата...

Државната изборна комисија на својата интернет страница го објави списокот со лицата кои имаат неконзистентни записи и кои подлежат на теренска проверка. На него се наоѓаат имињата на 89.384 граѓани. Најмногу записи за проверка на податоци има во Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Куманово.

По објавувањето на имињата поради големиот интерес на граѓаните, падна интернет страната на ДИК. Теренската проверка на лицата, за кои постојат таканаречени „неконзистентни записи“ во избирачкиот список, од понеделникот ја вршат 488 анкетари во 80 општини во земјава. 

Според ДИК, засега проверката минува без посериозни проблеми и непречено. Направен е пресек на првиот ден, а според најавите во среда ДИК ќе излезе со конкретни податоци за сработеното на терен.

Според мнозинството во Комисијата, објавувањето на списокот е во насока на поголема транспарентност на целиот процес. Оние кои гласаа против, сметаа дека се можни злоупотреби. Теренската проверка, според првичните очекувања на ДИК се очекува да заврши до 3-ти април. Од ДИК велат дека ако е потребно, дополнително ќе ангажираат анкетари.

 

Миле Ристески