Подобра дијагностика со новата камера за патофизиологија
Со 24 милиони денари се набавува нова камера за патофизиологија. Треба да биде ставена во функција до мај. Со ова треба да се зголеми бројот на пациенти коишто ќе се опслужуваат, кадарот, пак, ќе се праѓа на дообики во САД.

Нова камера за побрзо и попрецизно дијагностицирање на малигни заболувања, срцеви и нефролошки, ќе биде набавена на Институот за патофизиологија и нуклеарна медицина. Двојно повеќе пациенти дневно ќе можат да ја користат оваа услуга. Новата опрема претставува нов исчекор во дијагностиката – велат лекарите.
„Еден хибриден систем кој овозможува не само детекција на акумулацијата на радиоизотопите во телото туку истовремено прецизна и точна анатомска локализација на промените кои настануваат во метаболизмот“, изјави д-р Венјамин Мајсторов, раководител на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина.
„На прво место ќе бидат дијагностицирани малигни тумори на тироидеа, паратироидеа, надбубрег и голем број разни ендокринолошки заболувања со што ќе се забрза и постапката на дијагноза, следење и лекување на овие пациенти“, вели д-р Никола Јанкуловски, декан на Медицинскиот факултет.
Камерата чини 24 милиони денари. Најдоцна до мај годинава ќе биде во функција. Според ресорниот министер, во Институтот има обучен кадар, но дополнително двајца лекари ќе се пратат на обука во САД.
„Ќе можат да се користат сите напредни можности на оваа камера. Станува збор за најсовремена камера што воопшто ја нема во Македонија, ни во јавното, ни во приватното здравство од ваков тип. Ќе се овозможи со оваа камера двојно да се зголеми бројот на пациенти кои добиваат ваква услуга“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Камерите кои сега се користат за снимање на Институтот за патофизиологија и нукеарна медицина се стари и често се расипуваат, па така се создава листа на чекање- велат надлежните. Околу осум илјади пациенти годишно имаат потреба од оваа здравствена услуга.
Андријана Атанасовска
