Триумф на Превц за водство во Светскиот Куп
Словенецот Петер Превц триумфираше....

Словенецот Петер Превц триумфираше на средната скокалница во Сапоро и уште по првиот од двата викенд-натпревара го презеде водството во генералниот пласман на Светскиот Куп во скијачки скокови. Тој продолжи со феноменалната форма во којашто се наоѓа последниот месец и ја забележа втората победа досега во кариерата, односно осмиот пласман досега на пиедесталот, остварувајќи најголеми далечини во двете серии од 137 и од 134,5 метри.
Третото двојното славје на Словенците воопшто во историјата на овој спорт го надополни Јернеј Дамјан. За скоковите од 135,5 и од 129 метри тој собра 17 поени помалку од Превц, но го изедначи најдобриот резултат досега, второто место од Вилинген пред шест години. Ова му беше четврти пласман на подиумот во кариерата.
Трет заврши јапонскиот ветеран Норијаки Касаи, кој имаше должини од 132,5 и од 129 метри. Потврда за извонредниот ден на Словенците, за кои Сапоро е во убави спомени уште од времето на Примож Улага пред 25-30 години, беа и четвртото место на Роберт Крањец, седмото на Нејц дежман и дванаесеттото на Томаж Наглич.
Успехот на Превц не го намалува ниту фактот што конкуренцијата во Сапоро викендов е значително осиромашена. Поради засилени подготовки за претстоијните ЗОИ во Сочи, Во Јапонија не отпатуваа неколкумина скокачи од горниот дел на поредокот во Светскиот Куп, пред се досега водечкиот Полјак Камил Штох и второпласираниот Австриец Грегор Шлиренцауер.
Сега Превц е на врвот со 732 бода, пред Штох со 721 и Шлиренцауер со 670. Словенецот може и уште повеќе да се оддалечи ако утре забележи уште една победа.
