ИДИЛ- најголема закана за светската безбедност
Исламската држава останува закана број еден за американската и светската безбедност, оценува шефот на американската Здружена команда, генерал Џозеф Данфорд. Идната улога на мисијата во Авганистан ќе биде тема на престојниот самит на НАТО во Варшава во јули...

Терористичките напади од приврзаници на Исламската држава се најголемата закана по светската и американската безбедност, оценува шефот на Здружената команда на американските сили, генерал Џозеф Данфорд. Според него, има одреден напредок во борбата против ИДИЛ, но тој е недоволен бидејќи страните што се борат против Исламската држава не се добро организирани и координирани.
„ИДИЛ е транс регионална закана и секогаш бараме можности за справување со неа. Нашиот фокус е ИДИЛ во Ирак и во Сирија. На повеќето Ви се познати 9-те точки на нашата стратегија против нивната управа, разузнавање, финансирање и пораките до странските борци. Воените операции се фокусираат на два клучни елемента. Прво да се убие раководството на ИДИЛ и нивните борци, да им се одземе можноста за комуникации и ресурси. Второ е ефективна поддршка на партнерите на терен за да се повратат окупираните области од ИДИЛ“, вели генерал Џозеф Данфорд.
Покрај терористичките напади, затегнатост постои во односите на САД со Русија, Иран, Северна Кореја и со Кина. Авганистан и иднината на мисијата во оваа азиска држава ќе биде една од темите на престојниот самит на НАТО во јули.
„Една од клучните работи на која ќе се расправа на самитот е продолжување на меѓународната поддршка на авганистанските сили во две области: за нивен развој и за финансирање на авганистанските безбедносни сили по 2020-та година“, изјави генерал Данфорд.
Американските воени сили се целосно подготвени за операции, но потребни се воени реформи и вложување во модернизацијата, опремата и иновациите, за да тие се носат со предизвиците во иднина, оценува првиот човек на американските воени сили.
Според шефот на Здружената команда, американските воени сили ќе го советуваат и професионално ќе ги извршуваат командите од новиот Врховен Командант по неговото преземање на функцијата во јануари идната година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
