Истекува рокот за барања за легализација, надлежните со продолжено работно време
Утре завршува продолжениот рок за поднесување барања за легализација. Надлежните со продолжено работно време да им излезат во пресрет на граѓаните. Од 350.000 барања, досега во земјава се легализирани и заведени во катастар околу 147 илјади објекти...

Со продолжено време до 20 часот, а последниот ден и до полноќ, надлежните им излегуваат во пресрет на граѓаните. Да ги искористат последните моменти и да поднесат барање за легализацијата на својот имот.
Навалицата допрва доаѓа. Некои оправдано, некои по навика го чекаат последниот ден
„Секогаш последните денови се чекаат за да се заврши некоја многу важна работа“, признаваат граѓаните.
Со преку 8.000 легализирани објекти од над 15.000 поднесени барања, во Прилеп велат дека се меѓу најуспешните во процесот. Ќе стигнат уште 2.500 барања.
„И заедно со останатите, пак во оној континуитет што го имавме, мислам дека, како и досега, ќе бидеме најдобри во Република Македонија“, вели Илија Карески раководител на прилепското одделение за урбанизам.
Граѓаните полека ја средуваат законитоста на имотот
„Имам викендичка, тоа ми е за легализација, сакам се да легализирам, да си биде чисто.“
„Куќата в село ни беше продадена, сега си ја повративме, си ја купивме и сега затоа ја легализираме. А куќата во градот ни е легализирана уште пред една година“, велат граѓаните.
Законот им овозможи да бидат свои на своето.
„Добро, е добро е за дивата градба, убаво се работи.“
„Со тоа се решава и прашањето на сопствениците, меѓутоа и прашањето на градот, околу урбанизацијата“, објаснуваат граѓаните.
И катастарот има полни раце работа.
Преку 350.000 барања од 2011 година се поднесени во Македонија, а се легализирани 147.000 и се заведени во македонскиот катастар. Од Министерството за транспорт и врски немаат податок колку решенија се изготвени, а имотот на граѓаните не е заведен во катастар. Интересот до последниот ден за легализација останува.
Правните субјекти поднесуаат барања, но допрва ќе ги расчистуваат имотно-правните надлежности. Геодетските фирми со порака до граѓаните - да ги подигнат готовите елаборати за навреме да го завршат процесот на легализацијата на имотот.
Елизабета Митреска
