Дуда: Самитот на НАТО во Варшава треба да има универзална агенда

31.03.2016 10:28

Престојниот самит на НАТО во Варшава треба да има универзална агенда, истакна полскиот претседател Анджеј Дуда во Вашингтон. Тој најави дека на самитот ќе се дискутира за проблемите во Европа со бегалците и терористичките напади.

Поголемо присуство на НАТО на границите со Русија, стабилна и безбедна Европа од терористички напади, ќе бидат главните приоритети на престојниот самит на Алијансата во Варшава. Полскиот претседател Анджеј Дуда во Вашингтон ја поддржа борбата против Исламската држава, иако во нападите не учествуваат полски авиони.

За да овој самит биде успешен мора да исполни три основни услови. Најпрво, мора да има универзална агенда. Ова се работи што не засегаат нас во Централна и Источна Европа. Треба да се засили присуството на НАТО во овој дел од Европа. Второ е југот на Европа. Денеска е многу важно да се реши конфликтот во Сирија. Таму ситуацијата се уште е затегната. Сите знаеме што се случува на турската граница. Ова создава опасност за НАТО, но и за светот“, изјави претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Шефот на полската држава смета дека бегалската криза во Европа нема да престане се додека не се стабилизира состојбата во Сирија. Полска досега не примила бегалци, бидејќи тие претпочитаат да одат во Германија.

„Многу е важно да се истакне дека глобалниот мир што е под закана од Исламската држава. Во Европа има проширување на терористичките закани и миграцијата. Војната во Сирија е директен предизвикувач на бегалската криза што ја гледаме сега во Европа. Таа за жал во одреден дел ја дезинтегрира европската заедница“, вели претседателот Дуда.

Полска е една од малкуте земји членки на НАТО која ги издвојува неопходните 2 проценти од БДП за воен буџет. Тој сепак истакна дека за да Европа биде стабилна потребно е американско воено присуство на европско тло.

Полскиот претседател ниту еднаш не го спомна проширувањето на НАТО, што значи дека тоа нема да биде главна тема на престојниот самит на Алијансата во Варшава во јули.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ