Хашки трибунал: Шешељ не е виновен за злосторства против човештвото
Се отфрла и одговорноста на Шешељ за прогонства на население. Советот оцени дека плановите за голема Србија биле политички, а не злосторнички мотивирани...

Хашкиот трибунал прогласи дека лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ не е виновен за злосторства против човештвото. Доказите покажале дека соработката со Слободан Милошевиќ била околу тоа да се бранат србите или да се зачува Југославија, а не да се извршуваат злосторства.
Се отфрла и одговорноста на Шешељ за прогонства на население. Советот оцени дека плановите за голема Србија биле политички, а не злосторнички мотивирани. Изрекувањето на пресудата го читаше претседателот на претресниот совет, судијата Жан Клод Антоанети, кој потсети дека хашкото обвинителство тврди дека Шешељ учествувал во здружен злосторнички потфат со Слободан Милошевиќ, со воени и паравоени сили.
„Главната улога на Воислав Шешељ била ширење омраза и регрутирање доброволци кои биле испраќани на терен, па интегрирани во српските сили кои дејствувале во Босна и Херцеговина и во Хрватска“, рече судијата Жан Клод Антоанети.
Пресудата на Шешељ се изрекува во отсуство на обвинетиот, кој во Белград ја чека пресудата. Лидерот на радикалите во притвор во хашкиот трибунал мина скоро 12 години, од февруари 2003-та година кога се предаде и доброволно замина, до ноември 2014-та година, кога беше пуштен да се брани од слобода поради нарушена здравствена состојба.
Марина Автовска
