Од утре ново намалување на цените на лековите
Од 1-ви април поевтинуваат 165 лека, дел од нив, граѓаните ќе можат да ги купат и по двојно пониска цена.

Антибиотици, лекови за третман на висок крвен притисок, депресија, леукемија, канцер - по девети пат се намалија цените на лековите. Од 1-ви април поевтинуваат 165 лека, дел од нив, граѓаните ќе можат да ги купат и по двојно пониска цена.
„Лекови кои се користат за третман на висок крвен притисок, каде што имаме намалување од 50 проценти кај рамиприлот и 40 проценти кај валсартанот. Големо намалување има и кај лековите кои се користат за третман на депресија, како мирзатенот и велафаксот - тоа се лекови кои пациентите ги купуваат од аптеките и ќе го почувствуваат бенефитот“, изјави Марија Серафимовска Дарковска- директор на агенцијата за лекови.
Дел од лековите се намалени повеќепати, а дел биле опфатени во сите девет фази. Во земјава, во последните четири години лековите се намалуваат двапати годишно, во март и во октомври.
„Вкупната заштеда само од ова намалување на цената на лековите е над 653 илјади евра. Досега од сите овие осум претходно намалување на цените на лековите се заштедени над 33 милиони евра“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
За четири години поевтинија повеќе од 4.700 лека. Надлежните велат дека заштедите се користат за инвестиции во здравствениот систем.
Андријана Атанасовска
