Забрана за објавување лични податоци за ДИК
Дирекцијата за заштита на личните податоци и забрани на Државната изборна комисија да ги објавува имињата на граѓаните опфатени со теренската проверка. Предупреди дека можат да бидат злоупотребени. Комисијата на седница за решението на Дирекцијата...

Дирекцијата за заштита на личните податоци и забрани на Државната изборна комисија да ги објавува личните податоци на граѓаните кои имаат неконзистентни записи и се опфатени со теренската проверка. „Електронскиот пристап до личните податоци на граѓаните преку веб-страниците на ДИК е спротивно на законските одредби во Изборниот законик и на Законот за заштита на личните податоци“, велат од Дирекцијата.
Државната изборна комисија е задолжена да преземе мерки при пребарување во избирачкиот список објавен на веб страната:
- Преку одредена општина да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи во таа општина;
- Преку одредена адреса да не се прикажуваат личните податоци на сите избирачи на таа адреса;
- Преку одредено име и презиме да не се прикажуваат личните податоци на сите лица кои го имаат тоа име и презиме.
Со изборниот законик, личните податоци содржани во избирачкиот список се заштитени и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните.
„Со овозможувањето на електронски пристап до името и презимето и адресата на сите избирачи преку интернет за неодреден период, постои ризик личните податоци да бидат употребени и за други цели“, предупредуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Од таму велат дека привремените решенија се издадени со цел да се спречи понатамошна повреда на правата на субјектите на лични податоци и нанесување на евентуални штетни последици.
Во Државната изборна комисија велат дека ги добиле решенијата од Дирекцијата за заштита на личните податоци. За нив членовите на Комисијата ќе расправаат на седница по што ќе превземат одредени постапки.
Миле Ристески
