Состојбата на јужната граница мирна, мигрантите не се откажуваат од Европа
Мигрантите не се откажуваат од целта – Европа. И да се стигне дотаму не се избираат ниту начини ниту средства. Но, тоа создава инциденти. Министерот за одбрана Јолевски денеска ги посети македонските безбедносни сили при обиколката на границата од Дојран до Гевгелија...

И додека на македонскиот дел од границита, затворената порта јасно порачува запирање на илегалната миграција, на грчка страна хаотичната состојба доведува до инциденти со тамошната полиција. Мигрантите не се откажуваат од целта, Европа по секоја цена, што предизвикува и зголемен број обиди на илегално преминување и можно менување на патеките на бегалците. Ова е оценката на министерот за одбрана Јолевски кој имаше средба со македонските безбедносни сили при обиколката на границата од Дојран до Гевгелија.
Кризниот менаџмент на земјава постојано заседава и ја следи состојбата на терен, а информациите се споделуваат за планирање на новите мерки со европските партнери, изјави Јолевски кој го најави состанокот со колегите од ЈИЕ и од западно- балканската рута. Македонија сама ги сноси последиците од кризата, а продолжувањето на кризната состојба на север и југ до крајот на 2016-та година предизвикува и непланирани буџетски трошоци, изјави министерот Јолевски.
Судбината на речиси 13.000 мигранти кои и натаму одбиваат да заминат од границата во грчките кампови во Кукуш, Солун, Поликастро или во Херсон кај Дојран, е главната непознаница. Упорни, но и исцрпени, тие се оглушуваат на повиците на властите да бидат префрлени со автобуси за да се расчисти колонијата од луѓе и шатори околу железничката пруга Солун - Скопје. Во тоа им помагаат и некои грчки невладини организации, но и членови на една крајно десна политичка партија, велат добро информирани извори кои контактирале со бегалците.
Зоран Богатинов
