Санкции за неквалитетната храна во училиштата

25.01.2014 14:55

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски...

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска апелираше сите добавувачи на храна за деца во образовните установи да внимаваат на нејзиниот квалитет, зошто, како што истакна, во спротивно ќе се соочат со санкции.

- Апелирам тие да бидат максимално внимателни затоа што во тој случај веќе нема да дискутираме за централизирана или децентрализирана одговорност, одговорност на Министерството или на општината... Во таква ситуација ќе ги ангажираме сите можни надлежни институции затоа што сме безмилосни кога станува збор за здравјето на децата и нема да дозволиме никој да експериментира и да реализира неквалитетна достава на храна кога станува збор за ученци во училиштата, изјави одговарајќи на новинарско прашање за затворањето на кујните во две училшта во Општина Центар министерот Ристовски, кој присуствуваше на Отворениот ден за органска храна во МЗШВ.  

Колку што сум информиран за конкретниот случај, рече Ристовски, во двете училишта во Општина Центар беше извршен надзор од страна на Центарот за јавно здравје.

 

- Беше констатирана потреба од отстранување на определени недостатоци во снабдувањето на кујните. Ние како ресорно Министерство немаме директна надлежност во тој дел, но будно ја следевме целата ситуација и драго ми е што во рок од 24 часа Центар за јавно здравје констатира дека кујните се целосно во употреба, рече Ристовски.