Шешељ ослободен, Белград изненаден!
Хашкиот трибунал пресуди- лидерот на Српската радикална партија Воислав Шешељ не е виновен за злосторство против човештвото...

Во Белград малкумина веруваа и со изненадување ја дочекаа пресудата за Воислав Шешељ кој по 13 години судење и 11 годишен притвор во Хаг е ослободен по сите 9 обвинеја.
„Според пресудата Воислав Шешељ е слободен човек“, рече Жан Клод Антоанети, претседавач на Хашкиот судски совет.
Судијата Антоанети изјави дека обвинителството не изнело доволно докази за ниту една точка на обвинението за кое бараше казна од 28 години затвор. Шешељ се товареше за злосторства против човештвото и за поттикнување етничко чистење во Хрватска, БиХ и Војводина, заговарајќи политика на обединување на сите српски земји во хомогената српска држава- „Голема Србија”.
Шешељ кому пресудата му беше изречена без негово присуство, истата ја прокоментира во свој стил, најавувајќи обесштетување од 12 милиони евра
„Идејата за Голема Србија е голема и без мене. Јас само малку допринесов со политичкиот и воен ангажман за неа“, изјави Воислав Шешељ, лидер на Радикалната партија.
За разлика од острите реакции во Хрватска и Босна, во Србија пресудата и ваквите изјави на Шешељ наидоа на изненадување и поделени реакции. Српската влада за утре најави седница, а реакцијата на претседателот Николиќ беше рамнодушна.
„Мерката за србинот е тоа дали Хашкиот трибунал го има осудено или ослободено“, рече Томислав Николиќ, претседател на Р. Србија.
И додека дел од медиумите одеа со наслов дека Шешељ го победил Хаг, беа пренесени и реакции на аналитичарите според кои ослободувањето има горчлив вкус на ненамирена правда. Според нив пресудата уште повеќе ги влошува односите со Хрватска и Босна, и нема да допринесе за процесот на помирување на Балканот.
Кон ова треба да се додаде дека пресудата е донесена во екот на изборната кампања, каде според анкетите популарноста на радикалите расте, а со тоа и нивниот влез во српското собрание.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
