ОБСЕ/ ОДИХР ја почна набљудувачката мисија за изборите
ОБСЕ/ ОДИХР ја почна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни. Главниот тим се состои од 12 експертни и 24 долгорочни набљудувачи. Неколку дена пред изборите, во земјава ќе пристигнат уште 300 краткорочни набљудувачи...

Од денеска стартува набљудувачката мисија на канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права за предвремените парламентарни избори закажани за 5-ти јуни. ОБСЕ соопшти дека главниот тим ќе има 12 експерти со седиште во главниот град и 24 долгорочни монитори кои ќе бидат распоредени низ целава земја. Дополнително, ОБСЕ ќе побара од државите членки да обезбедат и 300 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат неколку дена пред изборите.
Според шефот на мисијата на ОБСЕ за изборите, Јан Петерсен целта на мисијата е да ја оцени усогласеноста на овие избори со заложбите на обсе и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашното законодавство.
Од мисијата на ОДИХР велат дека тие ќе презентираат два периодични извештаи за предизборниот и изборниот процес, а ден по изборите ќе биде објавена и изјава за првичните наоди и заклучоци. ОБСЕ ќе објави конечен извештај за набљудувањето, осум недели по завршувањето на изборниот процес.
Игор Панов
