Опасноста дека некоја терористичка организација ќе дојде до нуклеарен материјал е голема

01.04.2016 10:35

Последните терористички напади во светот покажуваат дека целта на терористите е што е можно повеќе цивилни жртви. Опасноста дека некоја терористичка организација ќе дојде до нуклеарен материјал и ќе направи нуклеарна бомба е голема, затоа државите во светот треба да работат заедно на заштита и спречување на вакви напади. Ова се заклучоците од самитот за нуклеарна безбедност што неделава се одржа во Вашингтон, на која учествуваат претставници од 58 држави, но не и од Русија, Иран, Северна Кореја и Белорусија.

Во светот има околу 2.000 тони нуклеарен материјал за цивилни и воени цели. Терористите имаат намера и можност да направат нуклеарна бомба и да ја употребат, оценуваат претставници на Белата куќа.

„Терористички напад со импровизирана нуклеарна направа ќе предизвика политички, економски, социјален, психолошки и еколошки хаос во светот, без разлика каде тој би се случил. Заканата е глобална и последицата од нуклеарен терористички напад би била глобална. Затоа и решенијата за спречување треба да се глобални“, вели Лора Холгејтспецијален помошник на американскиот претседател и постар директор за оружје за масовно уништување.

Со цел да се спречи илегалното внесување на радиоактивни материјали, САД донирале детектори во 329 меѓународни аеродроми, пристаништа и гранични премини во светот.

„Ние дистрибуиравме опрема за откривање на радијација низ светот како помош во борбата против криумичарење на нуклеарен материјал. Обезбедивме и остранивме радиоактивни материјали што можат да бидат искористени од терористи“, вели Елизабет Шервуд-Рендал, заменик секретар на Департментот за енергија.

Во светот денеска има за 50 проценти помалку нуклеарни материјали во споредба на времето на Студената војна, но опасноста од нивна злоупотреба е се уште голема.

„Во многу држави, поседувањето и продажба на нуклеарни материјали не е кривично дело. Затоа ова е област на која треба да ставиме акцент за да ја подобриме способноста за откривање на шверцерите со нуклеарни материјали  и да ги изведеме пред лицето на правдата“, смета Роуз Гутемулер, потсекретар за контрола на оружје и меѓународна безбедност во Стејт Департмент.

„Секој ден, службениците на Хоумленд Секјурити за царинска и гранична заштита 100-процентно ги проверуваат сите бродски пратки, товари во камиони и приватни возила кои влегуваат во САД. Крајбрежната стража исто така има опрема за откривање на радиоактивни материјали, како и тимовите на администрацијата за транспортна безбедност. Федералната администрација за кризен менаџмент подготвува планови за реакција во случај на нуклеарни инциденти“, изјави Хубан Гувадија, директор на Канцеларијата за нуклеарно откривање во Хоумленд Секјурити.

Ова е четврти и последен самит за нуклеарна безбедност под претседателство на американскиот претседател Барак Обама. По секој самит, државите во светот разменуваат искуства за подобро разбирање и справување со опасноста од злоупотреба на нуклеарните материјали.

Оваа недела во главниот американски град се одржува Самит за нуклеарна безбедност на кој учествуваат претставници од голем број на државници во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ