65 години од формирањето на Државниот архив
По тој повод се одржа состанок, со цел основање на Професионално архивско здружение на архивите од Југоисточна Европа.

Под мотото „Градење мостови“, Државниот архив прославува 65 годишно постоење. По тој повод се одржа состанок, со цел основање на Професионално архивско здружение на архивите од Југоисточна Европа.
Директорот на Државниот архив на Република Македонија Филип Петровски информира дека оваа иницијатива ја изнел на Годишното собрание на Меѓународниот совет на архивите минатата година во Рејкјавик, Исланд.
Недостасува едно здружение кое ќе им помогне на нашите архиви, на нашите вработени, на стручњаците од областа на архивите и архивистиката да соработуваат, да разменуваат искуства и симболично да ги изградиме мостовите кои можеби недостасуваат или ги има но не се доволно силни, рече Петровски.
Присуствуваа претставници од архивот на Босна и Херцеговина, Република Словенија, Државниот архив на Црна Гора, националните архиви на Романија, а почесни гости беа претставниците на Меѓународниот центар за архивско истражување.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека иницијативата за создавање на оваа асоцијација, која произлезе од директорот на Државниот архивот на Македонија, ќе биде двигател на многу заеднички проекти и активности кои ќе бидат во функција на соодветна заштита и промоција на нашето културно и историско наследство.
