Најавено отворање на Aмбасада на Јапонија во Република Македонија

01.04.2016 13:29

При предавањето на писмото во кое се најавува официјалното отворање на јапонската амбасада во Скопје, министерот Попоски изрази благодарност за одлуката на Владата на Јапонија што ја одбра токму Република Македонија како локација за проширување на јапонската дипломатска мрежа.

Во јануари 2017 година ќе се отвори Aмбасада на Јапонија во Република Македонија со седиште во Скопје. Ова беше најавено на денешната средба на министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски со амбасадорот на Јапонија за Република Македонија со седиште во Виена, Макото Такетоши.

При предавањето на писмото во кое се најавува официјалното отворање на јапонската амбасада во Скопје, министерот Попоски изрази благодарност за одлуката на Владата на Јапонија што ја одбра токму Република Македонија како локација за проширување на јапонската дипломатска мрежа.

„Оваа одлука ги потврдува одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Јапонија и е резултат на долгогодишна работа на МНР на РМ која што започна со одлуката на Владата на РМ за отворање на амбасада во Токио во 2009 година, продолжи со официјалното отворање на Амбасадата во мај 2013 година и упатувањето на првиот резидентен амбасадор на РМ во Јапонија во 2014 година.Овој чекор значително ќе ги подобри билатералните односи меѓу двете земји и ќе даде силен поттик на развивање на економската соработка во иднина“, истакна министерот Попоски.

На средбата се разговараше и за билатералните односи, внатрешната состојба, а посебен акцент беше ставен на мигрантско- бегалската криза. Беше констатирано дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Јапонија влегуваат во нова фаза која што ќе овозможи уште позасилена соработка во сите сфери на заеднички интерес. Попоски се заблагодари за хуманитарната помош од над 4,5 милиони евра што Јапонија досега ја има донирано за справување со мигрантската криза во Република Македонија која се спроведува преку меѓународни партнерски организации кои работат на територијата на нашата земја.

По овој повод, и во знак на благодарност за придонесот на Амбасадата на Јапонија за Република Македонија со седиште во Виена за целокупната досегашна развојна соработка и проектна поддршка доделена од страна на јапонската влада, министерот Попоски му врачи плакета - благодарница на амбасадорот Такетоши, изразувајќи подготвеност за натамошна плодна соработка помеѓу двете држави. Воедно, Попоски се заблагодари и за помошта на Македонија од Јапонија, ЏАЈКА и јапонскиот народ  која изнесува над 340 милиони долари од 1994 година до денес.

Покрај средба со Попоски, јапонскиот амбасадор Такетоши одржа и предавање пред македонските дипломати во рамките на Дипломатската академија на тема „Нова ера во македонско- јапонските односи“.