Катастар: ВИП постапка за регистрација на имот за шест дена
Катастарот воведе ВИП постапка за регистрација на имот. Со неа пренесувањето на недвижност од едно на друго лице ќе се врши во три чекори за шест дена. Разликата во цената со постоечката постапка, која досега траеше 30 дена е од три до шест илјади денари.

ВИП постапка за регистрација на имот. Пренесувањето на недвижност од едно на друго лице ќе се врши за шест дена, по електронски пат. Од Комората на проценувачи уверуваат дека сега, можноста за имотна измама при трансакциите се сведува на минимум.
„Граѓаните на земјава добиваат брзина и сигурност при запишување на својата недвижност, а општините добиваат сигурни и зголемени приходи по основ на данок на промет на недвижности“, вели Надица Младеновска Крцковска, Комора на проценувачи.
Целата постапка почнува од нотарите.
„Ќе ја препорачуваме на сите клиенти, граѓани и правни лица кои ќе сакаат во ист ден кога ќе ја платат купопродажната цена да бидат и регистрирани и во катастарот на недвижности како сопственици на имотот за кој што платиле“, вели Зорица Пулејковска, претседател на Нотарската комора.
Разликата во цената во однос на досега, е од три до шест илјади денари.
„Со ова постапката за регистрација на имот завршува, а катастарот по електронски пат целокупната документација ќе ја проследи до надлежната општина која ќе ја провери процената и ќе донесе даночно решение. Ваквата постапка се одвива во три чекори и ќе трае вкупно 6 работни дена од започнувањето на процесот“, изјави Славчо Трпевски, директор на Агенцијата за катастар.
Се очекува ВИП постапката да има големо влијание на новиот извештај на Светска банка, „Дуинг бизнис“. Катастарот би имал подобрување на рангирањето за најмалку 10 места, од сегашното 50 на 40 место во светот.
Андријана Атанасовска
