Алпско скијање

Рајхелт на листата на великаните во Кицбил

25.01.2014 16:49

Ханес Рајхелт влезе во галеријата на славните! Ветеранот на австриското скијање предизвика воодушевување победувајќи на спустот  во Кицбил. 33 годишниот Австриец ја извозе трката на својата кариера на  најславната „Шрајф“ патека резервирана за великаните на скијачката „формула 1“. Со 2:03.38  беше најбрз меѓу 55-мината скијачи кои се одважија да стартуваат  на најтешката патека за спуст.

Ханес Рајхелт влезе во галеријата на славните! Ветеранот на австриското скијање предизвика воодушевување победувајќи на спустот  во Кицбил. 33 годишниот Австриец ја извозе трката на својата кариера на  најславната „Шрајф“ патека резервирана за великаните на скијачката „формула 1“. Со 2:03.38  беше најбрз меѓу 55-мината скијачи кои се одважија да стартуваат  на најтешката патека за спуст. Рајхелт во Кицбил само ја потврди одличната подготвеност во оваа сезона, во која по трите втори места на спуст трките во Бивер Крик, Бормио и Венген се искачи највисоко на подиумот. Ова беше седма победа во кариерата на еден од најкомплетните скијачи во австрискиот тим.

Во Кицбил, зад Рајхелт останаа две славни скијачки имиња. Норвежанецот Аксел Лунд Свиндал со заостанување од 21 стотинка и Американецот Боди Милер , кој со третото место ја имаше најдобрата своја трка во спуст оваа сезона, кревајќи ја формата пред Олимписките игри во Сочи.

Свиндал и натаму ја има доминантната позиција во спуст. По 6 одржани трки води со 440 бодови пред Рајхелт со 360 и Швајцарецот Патрик Кинг со 239. И во трката за Големиот кристален глобус Свиндал е лидер со 837, пред Австриецот Хиршер со 735 и Французинот Пантуро со 556 бодови.

Утре на „Шрајф“ следи нова пресметка на алпинците во супервелеслалом, кој се бодува за супер комбинација.