Вучиќ: Идејата за Голема Србија не е политика на српската влада

01.04.2016 16:21

Целта на Хаг не е е помирување, туку забивање шајки во ковчекот на заспаниот Балкан за да се занимава со минатото и војните- констатираше Вучиќ.

По ослободувањето на Шешељ и острите реакции- особено во Хрватска и во Босна, премиерот Александар Вучиќ одржа вонредната владина седница и прес конференција на која изјави дека Србија се наоѓа на политички, економски и на морален крстопат. На прес конференцијата која беше во насока на помирување во регионот и почитување на жртвите од војните, српскиот премиер го повика народот да не дава подршка на десничарските сили. Идејата за Голема Србија не е политика на српската влада-констатираше Вуќиќ.

„Намам личен амонизитет кон Шешељ. Она со што имаме проблем е неговата политика, што нема врска со пресудата. Жестоко ќе се спротивставиме на таа политика која Србија ја турка во минатото и во нестабилност и проблеми. Со неа би се изолирале од сите народи на Балканот и јас и лично и како премиер на таквата политика жестоко ќе и се спротивставам“, рече српскиот премиер Александар Вучиќ.

Вучиќ ја оцени и работата на Хашкиот трибунал, кој според него имал политичка улога. Целта на Хаг не е е помирување, туку забивање шајки во ковчекот на заспаниот Балкан за да се занимава со минатото и војните- констатираше Вучиќ. 

Тој одби да реагира на острите рекции во регионот насочени кон Србија, со цел помирување на Балканот.

И додека Шешељ и приврзаниците ја слават победата, во Србија и денес има реакции -од изненаденост до вчудоневиденоста на Чеда Јовановиќ, кој изјави дека Шешељ е парадигма на една бизарна политика од која се срами секој разумен граѓанин во Србија.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ