МОСТ предлага измени на четири закони
МОСТ предлага измени на законите за лична карта, за живеалиште и престојувалиште, на општата управна постапка и за управни спорови. Според граѓанската асоцијација, со измените, целата постапка од една година може да се забрза и да се скрати на 70-тина дена.

Според законските прописи, потребни се околу 20 дена за завршување на постапката на поништување на личната карта и живеалиште, а доколку граѓанинот поднесе жалба и поведе управен спор процедурата може да се пролонгира и на повеќе од една година, тврди првиот човек на МОСТ, Алексов. Треба да се има предвид вели, дека во овие рокови не е пресметано времето што му е потребно на МВР за да поведе постапка. Затоа МОСТ предлага измени на четири закони за намалување на роковите на 70 дена.
Во врска со одлука на Дирекцијата за заштита на лични податоци, МОСТ предупредува дека ако изборите се одржат без да биде објавен избирачкиот список во формата пропишана со изборниот законик и во која првично беше објавен, граѓаните воопшто нема да имаат доверба, ниту во избирачкиот список, ниту пак во изборниот процес. Како дополнителен предизвик МОСТ ја потенцира неконзистентноста во одлучувањето на Државната изборна комисија.
Фиљана Кока
