Груевски: Економијата се движи во права насока

01.04.2016 16:53

Растот на индустриското производство во февруари од 15,2 отсто е одличен податок и претставува најголем раст за последните пет години.

Растот на индустриското производство во февруари од 15,2 отсто и намалувањето на бројот на невработените за 1,6 отсто покажува дека економијата и покрај политичката криза се движи во права насока, а доколку и во наредните месеци продолжи растот како во првите два месеца од годинава може да се очекува Македонија да оствари поголем економски раст од претходно проектираниот за 2016 година- оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Растот на индустриското производство во февруари од 15,2 отсто е одличен податок и претставува најголем раст за последните пет години. Растот покажува дека има сериозно раздвижување на индустријата, а истовремено се објави дека и вработеноста во индустријата е зголемена за 1,6 отсто во споредба со истиот месец од минатата година, што значи дека работите во економијата се движат во одлична насока. И покрај тоа што државата е под притисок на политичката криза, сепак, добро поставените економски политики, преземените мерки од страна на Владата, реформите што беа направени, натамошните мерки што ќе следуваат придонесуваат да имаме одличен раст на економијата, изјави Груевски.

Нагласи дека според првичните податоци од првите два месеца од годинава и доколку во таа насока продолжат работите и во иднина не само што ќе се потврдат прогнозите за економскиот раст, туку е можно и остварување на поголем економски раст од проектираниот.