Павлопулос: Отворете ја границата или заборавете на ЕУ и НАТО – Иванов: Се чини не ги сфаќате безбедносните ризици

03.04.2016 15:12

Официјална Атина се чини дека тешко се помирува со политиката на македонските власти за заштита на границата. Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос поворно се јави со закани и провокации насочени кон нашата земја.

Некои грчки политичари се чини дека не успеваат да ја сфатат сериозноста на безбедносните ризици што произлегуваат од кризата, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за грчкиот весник „То Вима“.

„И покрај затворениот коридор, секоја вечер регистрираме околу 100 обиди за нелегални премини. Се чини дека одредени политичари во Грција не успеваат да ја сфатат сериозноста на безбедносните ризици што произлегуваат од кризата. Веќе постојат индикации дека некои од уапсените и осомничените за терористичките напади го користеле Балканскиот коридор“, вели Иванов нагласувајќи дека затворањето на коридорот е во корист, а не на штета на Грција.

Претседателот Иванов информира и за одбиените македонски иницијативи од страна на Грција.

„Од првиот момент ја каниме Грција за соработка, а ги повикуваме и останатите да ја вклучат и Атина во пан-европските, регионални, формални или помалку формални форми за справување со кризата. Во обата случаи имаше или малку или воопшто немаше одговор од грчката страна“, вели македонскиот претседател.

Официјална Атина пак, се чини дека тешко се помирува со политиката на македонските власти за заштита на границата. Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос поворно се јави со закани и провокации насочени кон нашата земја. Наспроти редовните обвинувања на Павлопулос за фалсификување на историјата, периодов тој отворено и агресивно се спротиставува и на македонската политика справување со кризата.

„Балканските земји кои што задржуваат ставови спротивни на принципите на хуманост и човекови права кон бегалците, ако продолжат со оваа тактика нека не размислуваат за европски курс и напредок кон НАТО“, се закани Павлопулос.

 

Марија Котовска, постојан дописнк од Атина за МРТ