Имплементација на договорот ЕУ- Турција: Започна враќањето на мигрантите и бегалците

04.04.2016 13:59

Договорот меѓу Европската унија и Турција, со кој треба да се стави крај на приливот мигранти во Европа, и официјално е во сила. Првиот траект со илегални мигранти, изутрината пристигна од грчкиот остров Лезбос во турското пристаниште Дикли. Првите 16 сириски бегалци со авион од Истанбул пристигнаа во германскиот град Хановер. Ќе бидат сместени во бегалскиот центар на 140 километри од градот.

Започна враќањето на мигрантите и бегалците од Грција во Турција согласно планот со Европската Унија. Според предвиденото, денеска се очекува околу 200 лица од грчките острови со бродови да бидат вратени во Турција. Првиот брод што изутринава пристигна во турскиот град Дикли, замина од овде, од островот Лезбос, каде што почетокот на депортацијата беше означен со протест на група активисти кои што извикува „Не за депортацијата“ и „ЕУ засрами се“. Незадоволството е големо и меѓу мигрантите и бегалците, кои што инсистираат да заминат кон централна и западна Европа.

„Турција е опасна за нас, не сакаме да се вратиме. Сакаме да останеме во Европа, не сакаме назад и крај.“

„Не можам да одам во Турција, не можам. Многу е тешко во Турција. Нема помош, нема ништо. Турција зема пари од некои земји од  Европа, но ништо не им дава на Сиријците“, велат бегалците.

Во Грција во моментов се наоѓаат над 52.000 мигранти. Најголемиот дел од лицата што денеска се враќаат во Турција се Пакистанци, а има и од Бангладеш, Шри Ланка и Мароко. Договорот предвидува за секој Сириец вратен во Турција, Унијата во замена да прими негов сонародник кој што ќе има легитимно барање за азил. Планот на турските власти е Сиријците кои што ќе бидат вратени во земјата, да се сместат во бегалски кампови, а останатите да се депортираат во нивните земји.

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ