Грантови за самовработување на лица со инвалидност
Втор оглас за самовработување на лица со инвалидитет. Освен парична, кандидатите ќе добиваат помош за изработка на бизнис план и обука. За оваа намена, годинава се обезбедени 49 милиони денари. Според надлежните, на претходниот оглас аплицирале 160 кандидати.

Државата дава грант од 270.000 денари за сите оние кои сакаат да основаат свој бизнис. Заинтересираните од денеска можат да алицираат во центрите за вработување. Тие ќе можат да вработат најмногу уште двајца. За нив ќе добијат по 92.000 денари.
„Овие лица можат да добијат и еднократна парична помош, девет месеци од отворањето на нивната компанија, во износ од 20 просечни плати, финансиска поддршка од Агенцијата за вработување, и 100.000 денари за опремување на работното место согласно потребите. Исто така и дополнително ослободување од плаќање на социјални придонеси согласно законот“, изјави заменик- министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Првата година од регистрирање на бизнисот, поддршка и помош ќе добиваат од центрите за вработување.
„Овој оглас нема ограничување, трае додека се исполни бројката за која поседуваме средства“, вели директорот на АВРМ, Влатко Поповски.
Претседателите на Националните сојузи на здруженијата со инвалидност во Македонија велат дека на овој начин ќе се реши еден голем проблем.
„Овие мерки кои водат кон можноста за решавање на суштествено егзистенцијално прашање на секој човек, а со тоа и на самите лица со телесен инвалидитет, како што е вработувањето, се мошне корисни и ние ги повикавме нашите членови да се јават на овој повик“, изјави Бранимир Јовановски, Национален сојуз на здруженијата на лицата со телесен инвалидитет.
На првиот оглас имало 160 заинтересирани. За нив се во тек обуките.
Наташа Јанчиќ
