„Панама документи“: Најголемо истекување информации во историјата

04.04.2016 15:34

Поранешната премиерка на исланд бара од актуелниот премиер да си поднесе оставка, откако неговото име се појави во „Панамските документи“, кои покажуваат дека видни политичари од светот, но и бизнисмени, филмски и спортски ѕвезди, ги избегнувале даноците. Станува збор за повеќе од 11 милиони документи, на кои работеле стотици новинари – истражувачи...

Откривањето на документите и податоците од офшор компанијата „Мосак Фонсека“ е едно од најголемите истекувања информации во историјата, поголемо дури и од Викиликс. „Мосак Фонсека“ открива дека со децении неказнено им помагала на клиентите да перат пари и да избегнуваат плакање данок. Меѓу оние чии имиња се споменуваат во документите се наоѓаат моќници од 58 земји, меѓу нив се повеќе од 70 сегашни и поранешни светски лидери. Покрај политичарите се појавуваат и имињата на милијардери, спортисти, ѕвезди, трговци со оружје, шпиони и измамници.

Можеби најголемо внимание привлече поврзаноста со лидерот на Русија, Владимир Путин, иако со него не постои директна поврзаност. Британски „Гардијан“ меѓу првите објави дека мрежата на тајни офшор договори и високи кредити во износ од 2 милијарди долари води се до рускиот претседател.

Кабинетот на британскиот премиер Камерон, чиј татко се споменува во случајот, одби да ги коментира документите за затајување на данок, но побара копии од податоците на сите клиенти во тој случај.

Исландскиот премиер, Гунлаугсон, до крајот на 2009 година, заедно со сопругата, поседувал офшор фирма, во која, меѓу другото, биле депонирани и обврзници од важни исландски банки. Тој криел милиони долари во банките во својата компанија, поради што сега се соочува со оставка. Тврди дека не прекршил ни едно правило притоа одбивајќи да одговори на новинарски прашања околу скандалот.

„Ме прашувате нешто сосема смешно. Се обидувате да ме натерате на интервју под лажни обвиненија“, рече исланскиот премиер, Сигмундур Гунглаугсон.

„Мосак Фонсека“ тврди дека работи 40 години без какви било приговори. Според адвокатската канцеларија, протекувањето на информациите се случило откако базата на податоци била хакирана, што, како што велат е кривично дело. 

„Ние сме компанија која повеќе од 40 години опстои на меѓународниот пазар. Никогаш не сме биле обвинети за ништо“, нагласува Рамон Фонсека, коосновач на „Мосак Фонсека“.

Базата содржи и-мејлови, фотографии, како и делови од интерната база на податоци на „мосак фонсека“ во перидот од 70-тите години на минатиот век, па сѐ до пролетта 2016. Истечените документи се поделени во фолдери за секоја фирма посебно. Секој фолдер содржи договори, транскрипти и скенирани документи. Податоци биле добиени првично од германски „Зидојче Цајтунг“ кој пак ги добил од анонимно лице вработено во фирмата.

 

Марина Автовска