Комеморативна седница во МАНУ за Глигор Чемерски

05.04.2016 14:20

На 76 годишна возраст, почина еден од најголемите современи македонски сликари-академик Глигор Чемерски. Оствари повеќе монументални дела во Скопје, Вруток, Кавадарци и во Кочани, каде што Споменикот на слободата има мозаични фризови од 320 квадратни метри. Во негова чест, во Македонската академија на науките и уметностите, беше одржана комеморација.

Од првата самостојна изложба во Скопје во 1962 година, па сѐ до денеска, академикот Глигор Чемерски реализирал повеќе од 50 самостојни изложби во земјава и во странство. Неговите слики се изложени во јавни институции низ многу земји, но и во приватни колекции. Потсетник за неговото дело ќе бидат и монументалните споменици кои претставуваат значаен дел од неговото творештво, изработени во современа техника на фреско- сликарство. Во негова чест, во Македонската академија на науките и уметностите, говореа неговите колеги од академијата.

Бев навистина мал кога му станав чирак на мојот вујко- Петар Мазев. Тие моменти  понекогаш се пресудни и го определуваат натамошниот животен развој. Наспроти моите родители, браќа и сестри, во себе откривав други дарби. За рецитирање, глума, пишување, пливање, гимнастика. Се занимавав со сѐ и сешто. На само 15 години ја владеев историјата на уметноста наизуст, работев во сите цртачки и сликарски техники. Еднаш засекогаш ќе разбереш дека уметностите се допираат, дека можеш да се движиш лево и десно- рече Чемерски во едно од неговите последни интервјуа.

Александра Перевска