Се зголемува бројот на заболени од дијабетес
Во земјава 120 илјади лица имаат дијабетес, а 35 илјади се на инсулинска терапија. Оваа бројка се зголемува секоја година, покажува статистиката. Зголемената телесна тежина и дебелината се број еден ризик фактори, лекарите велат најдобра превенција се редовната физичка активност и здравиот начин на исхрана.

Зголемената телесна тежина и дебелината се ризик фактори за појава на дијабетесот. Компликациите можат да се спречат со редовна физичка активност, правилен начин на исхрана и соодветна терапија – велат лекарите. Околу 120 илјади граѓани во земјава имаат шеќерна болест, 35 илјади се на инсулинска терапија, сѐ почесто заболуваат и деца.
„Компликациите од дијабетесот се оние кои би требало да ги спречиме, а тоа би можело да се направи со добра гликемиска контрола односно прво прифаќање на дијабетесот како состојба и спроведување на сите оние активности како зголемување на физичката активност, правилен начин на исхрана и соодветна терапија кај овие пациенти, особено оние со тип 2“, вели д-р Горан Петровски, Клиника за ендокринологија.
Според проценките на Светската здравствена организација, до 2030-та година дијабетесот ќе биде болест што ќе ги оптоварува здравствените системи во светот. Ќе стане седма најчеста болест.
„Храна богата со шеќер, масти – тоа се параметри кои влијаат врз раниот почеток на дијабетесот пред се на дијабетес тип 2. Но податоците покажуваат дека има поголема зачестеност и на дијабетес тип 1 во земјава“, изјави д-р Игор Спироски, Институт за јавно здравје.
Светскиот ден на здравјето годинава ќе се одбележи под мотото „Да го победиме дијабетот“.
Андријана Атанасовска
