Девет нови изданија преведени на шест странски јазици
Промовирани се последните девет антологии од проектот „Преводи на дела од македонската книжевност на шест странски јазици“. Едицијата на македонската книжевност од сите жанрови и од сите генерации македонски творци содржи 48 дела сублимирани во седум антологии во осум тома. Низ 25 илјади страници на оваа антологија во која се застапени преку 200 македонски автори читателот може да се запознае со вредностите на македонското творештво...

Промовирани последните девет книги од проектот „Превод на антологии на македонската книжевност на шест странски јазици“. Светот ќе чита македонска поезија, романи, раскази, драми и есеи.
„Уверена сум дека и оваа нова антологиска едиција која на француски, германски, шпански, руски, кинески и арапски јазик ќе му го претстави на светот богатството, раскошот на македонската творечка мисла, ќе овозможи уште поголемо присуство и видливост на нашите автори и на македонското творештво во меѓународен контекст“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Целата едиција ќе биде доставена до светските библиотеки, а ќе бидат претставени и на светските саеми и манифестации.
„Македонската книжевна продукција добива можност да биде востоличена во значаен фактор што се афирмира во широки рамки преку преводот, односно преку различните претставувања на македонското книжевно творештво во странство“, нагласи Јовица Тасевски- Етернијан, член на стручната редакција од НУБ.
Учесниците во подготовката на едицијата велат дека на светската академска и читателска јавност им се нуди концепциски заокружен приказ на македонската книжевност.
„Преведените антологии на македонската книжевност, критика и есеистика ќе ги пренесат на различните светски меридијани духот на македонското поднебје, дарбите на македонскиот идентитет и на идентитетите на националните заедници во Македонија“, изјави промоторот Бранко Цветкоски.
Освен Бранко Цветковски, во антологискиот избор во кој се објавени 48 дела, учествувале Санде Стојчевски, Раде Силјан, Веле Смилевски, Јелена Лужина, Венко Андоновски и Иван Џепароски.
Наташа Гркова- Петрушевска
